Сопствениците на „Беса транс“ се достапни за полицијата и било разговарано со нив

by fokus

Дали се приведени некои лица за автобуската несреќа, јавноста ќе биде информирана во соодветен момент, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој вели дека сега моментално се прават претреси во агенцијата и други истражни активности.

Тој тврди дека сопствениците на „Беса транс“ чиј автобус се запали и изгореа 45 патници во Бугарија, се достапни и се разговара со нив врз основа на наредби од Јавното обвинителство.

-Пронајдено е нешто и во компјутерите што беа одземени од туристичката агенција, но и тоа се факти кои ќе ги анализира ЈО. Ќе има разговори и со патници од другите автобуси кои вечерта биле во таа група. Но, се чекаат наредбите и врз основа на нив ќе постапуваме зашто сè што не се прибира како материјал согласно наредба на надлежните органи, не се користи како доказ. Веќе се прибираат вакви податоци од ЈО преку МВР, рече Спасовски.

Според него, се знае кога пристигнале останатите автобуси во државава, но не се влезени сите во конвои.

– Има точна временска рамка кога пристигнале и кои патници. Сите тие податоци се достапни и се во Обвинителството, рече Спасовски.

За агенцијата во Обвинителството е заведен посебен предмет за да бидат утврдени сите аспекти и да се утврди одговорноста.

– Заведен е посебен предмет во Обвинителството кој треба да ги утврди сите факти и докази кои се во корелација со несреќата и со незаконското работење на компанијата. Заведовме и посебна оперативна обработка која нема да се однесува само на една компанија, туку на сите фирми и институции.

Ќе се прават проверки за секој аспект: од добивање лекарски уверенија на возачите до добивање лиценци. Секаде каде што ќе се утврдат пропусти и неправилности, ќе има одговорност, истакна Спасовски.

Поврзани новости