Сопственикот на „Дурмотурс“, Дурмиш Белули, обвинет за несреќата кај Ласкарци, е пуштен да се брани од слобода со понудена гаранција.
Судијката која го води судењето за овој случај Диана Груевска Илиевска на почетокот на рочиштето нотираше дека Белули веќе нема да биде носен на судење со полиција бидејќи сега веќе се брани од слобода.
Од Кривичниот суд за „Фокус“, објаснуваат дека Кривичен совет уште на 21 октомври прифатил укинување на мерката притвор со гаранција. Но Белули неофицијално е пуштен од притвор минатата недела откако по жалба на Обвинителството, Апелацискиот суд го потврдил истото решение.
На Белули му се одредени мерки за претпазливост, одземен му е пасошот, треба да се јавува во суд, има забрана за приближување и контакт со оштетените и обвинетите, има забрана за преземање на работни активности и забрана за користење на сертификат од областа на транспортот.
Белули по несреќата издржуваше мерка притвор во затворот во Шутка. Во несреќата што се случи во февруари загинаа 16 лица, а десетици беа повредени. Сега во тек е судењето за несреќата. Им се суди на шест лица за криминалните пропусти што се утврдени во Дурмотурс, по трагедијата.
Ф.Ф.С.