Сопственик на куќа во Малибу која остана недопрена по пожарот:„Луѓето ми се јавија откако ја видоа на вестите“

by Fokus

Фотографија од недопрената куќа покрај брегот на Малибу, опкружена со изгорени и разурнати куќи кои беа целосно уништени од големиот пожар во Лос Анџелес, го обиколи светот. Двокатната куќа вредна 9 милиони евра е единствената која останала недопрена од пламените јазици, сопственикот сега се огласил и објаснил како е тоа можно.

Дејвид Штајнер, деловен магнат кој бил директор на компанија за управување со отпад во Њу Орлеанс, а сега е во пензија, верува дека не било случајно што неговата куќа со четири спални соби од 390 квадратни метри успеала да преживее. Куќата е дизајнирана да издржи земјотреси и има ултра силна конструкција, гипсени ѕидови, огноотпорен покрив и столбови забиени во карпата долу за да издржат бранови.

-Изведувачот гледаше вести и виде како се урива куќата на мојот сосед, па ми рече: „Изгледа и вашата куќа ќе падне“, се присетува тој за Њујорк пост, додавајќи дека во тој момент и самиот помислил дека веројатно „Нема ништо што може да ги преживее овие изливи на оган“.

Сепак, набрзо луѓето почнаа да контактираат со него.

-Вашата куќа е на вести – му рекле, а кога ги добил фотографиите и сам се уверил во тоа.

„Мојата сопруга ми испрати статија во која пишува „Последната куќа што стои“, и ми донесе насмевка на лицето во овие тешки моменти“, рече тој. Иако не верувал дека шумски пожар некогаш би можел да помине низ таа област, Штајнер вели дека верувал во можни земјотреси.

– Мислев дека мојата куќа ќе биде последна ако има земјотрес, но никогаш не мислев дека тоа ќе се случи во случај на пожар – рече тој. „Архитектурата е многу убава, но гипсените ѕидови и огноотпорниот покрив се уште подобри“, додаде тој.

Поврзани новости