Сопственичката на старт-ап компанија за тестови за крв која измами десетици инвеститори оди во затвор

by Fokus

По неколку неуспешни обиди да го одложи времето зад решетки, основачката на компанијата „ Теранос“ Елизабет Холмс треба да се пријави во федералниот затвор оваа недела.

Претприемичката беше осудена на повеќе од 11 години затвор, а Судот ѝ нареди да плати 452 милиони долари заедно со нејзиниот поранешен деловен партнер Сани Балвани на десетици инвеститори од висок профил што ги измамиле преку старт-ап за тестирање на крвта.

Тоа е значителна сметка за поранешната милијардерка, која тврди дека нема ни доволно пари да ги плати своите адвокати.

Во американскиот федерален суд, на осудените престапници понекогаш им се наложува да платат реституција.

Ова е надомест на жртвите за изгубени приходи, материјална штета, медицински трошоци или други финансиски трошоци поврзани со кривичното дело.

Во случајот на Холмс, ѝ е наредено да ги врати парите на некои од најбогатите семејства во Америка.

Откако го напуштила Универзитетот Стенфорд, таа регрутирала неколку познати личности за да соберат пари за „Теранос“, проценети на девет милијарди долари на својот врв.

Меѓу донаторите беа поранешниот државен секретар Хенри Кисинџер и семејството Волтон, познато по основањето на американскиот синџир супермаркети Волмарт.

Но, откако беше откриено дека нејзината технологија за тестирање на крвта не функционирала, многумина изгубија цело богатство.

Поранешната секретарка за образование Бетси ДеВос, наводно, ѝ дала на Холмс сто милиони долари, додека на основачката на „Теранос“ ѝ е наложено да му врати на медиумскиот магнат Руперт Мардок 125 милиони долари, според судските документи.

Таа нема да може само да прогласи банкрот и на тој начин да ги отпушти долговите, велат експертите за Би-Би-Си.

Но, жртвите на нејзините злосторства не треба да се надеваат дека ќе си ги вратат парите.

Тие велат дека реституцијата во САД станала главно симболична, што значи дека инвеститорите на Холмс – и многу помалку богати жртви на измамничата веројатно нема да добијат поголем дел од парите што им се должат.

Поврзани новости