Сопругот на оперската певица – кандидатка за советничка, носител на советничка листа

by Fokus

Јованче Палија е носител на советничка листа на Левица во Демир Капија. Роден во Велес, а живее во Демир Капија, тој е познат во општината како вљубеник во природата, алпинист и волонтер во акции за чистење и средување на туристички атракции, како и коосновач и потпретседател на спортскиот клуб Клисура.

Работи како заварувач и имал над 18-годишно искуство во компанија од Скопје, со теренска работа во повеќе држави.

Инаку, Јованче е сопруг на оперската певица Кристина Палија, која изминатиот период се најде во центарот на вниманието, откако се кандидираше за член на Совет на Општина Неготино, од Левица.

Тогаш, во изјава за ,,Фокус” таа порача дека не се разбира од политика, но уморна е досегашната неполитика и она кое се случува во земјава изминатите години. Нејзиното име е на последно, односно на 15-то место на листата со кандидати на Левица.

-Од Левица побараа да им завршам работа за да пополнат листа. Можеби ми го препознаа борбениот и нетрпелив дух што ми е накалемен, благодарение на досегашната неполитика- изјави певицата, со што предизвика лавина од коментари и обвинувања дека во многу општини, посебно во помалите партии е лоша пракса да се кандидираат граѓани за членови на Совет колку да потполнат листа, а не поради одредени квалификации и искуства.

За нејзиниот сопруг, кој е носител на листа, на официјалната страница на Левица е појаснето дека ќе се бори против непотизам и ослободување на локалната самоуправа од партиски вработувања, раззеленување на општината, иницијатива за прогласување на Демиркаписката клисура за национален парк, борба против урбана мафија и друго.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости