Сопругот на наставничката од Неготино која беше приведена и сместена на психијатрија бара адвокат:Животите ни ги уништија!

by Fokus

Митко Симонов, дипломиран машински инженер, вработен како наставник во основно училиште во Неготино, и сопруг на наставничката Т. Ј.С. (48), која на осми ноември минатата година беше приведена, а потоа однесена во ЈЗУ Психијатриска болница Негорци, бара помош од адвокат, кој би го застапувал на суд.

Како што раскажува за ,,Фокус”, семејството му е уништено и доведен е во незавидна финансиска ситуација, и не може да си дозволи финансиски средства за да ја истера правдата до крај. Поради тоа, апелира доколку има правник кој бесплатно би го застапувал, да го контактира, а исто така, апелира и до Народниот правобранител, како и до Јавното обвинителство на Македонија, да не дозволат случајот со неговата сопруга да помине нечујно и да падне во заборав.

-Од тој осми ноември, животот на моето семејство се уништи! Сопругата, угледна наставничка со две децении работно искуство, со бројни награди, дипломи и признанија, беше приведена како најголем криминалец и однесена во психијатриска болница. Официјално, причината за приведувањето била таа што сопругата се однесувала недолично последните неколку дена на работа, на учениците им зборувала нелогични работи кои ги вознемириле, по што директорката на училиштето ја пријавила во полиција.

Иако и од Министерството за образование и наука се изјаснија дека според закон, доколку постои основано сомневање дека на наставникот му е нарушено менталното здравје, директорот задолжително треба да го упати наставникот на вонреден комисиски лекарски преглед за преиспитување на способноста за реализација на работните обврски во надлежна здравствена установа, а не да пријавува во полиција, и тоа по завршување на работно време, додека сопругата не беше во училиштето, се уште не е преземено ништо по тоа прашање. Сите затвораат очи пред неправдата која е направена!
Се дозволи таа да биде одведена со полиција во психијатриска установа, и до денес, не е вратена дома – раскажува Симонов.

Појаснува дека неговата сопруга поминала околу два месеца во установата во Негорци, а потоа и било дозволено да остане на домашна нега во домот на нејзините родители во Гевгелија. Неколкупати неделно задолжително ја носеле на контрола во психијатриската болница во Негорци, и не знаел кога конечно ќе била пуштена да си дојде дома и да продолжат со животот.

-Кога и да ја посетам сопругата, таа плаче и бара да и помогнам, сака да се врати. За нас јасно е дека овде нема повеќе живот, синот ни студира во Словенија, размислуваме да заминеме и ние таму. Овде бевме луѓе кои животот го посветија на образованието, на крај дојде ред да не можеме да излеземе на улица. Мене ми вртат грб сите кои сум ги познавал, на кои сум им помагал, заедно со сопругата сме работеле со нив или со нивни деца, подготвувајќи ги за стручни предмети, ми вртат глава колеги, познаници… Се плашат да ме поздрават, бидејќи Неготино е мало место, сите се поделени на табори, или си со едните, или си со другите.

Се прашувам дали ова ќе се случеше доколку мојата сопруга не конкурираше за директорка во училиштето, оти кога обелодени дека има директорски амбиции, започна нашата голгота и се соочивме со невидени притисоци.

Имам обемна документација, вмешани се многу луѓе во оваа хајка која ни се направи само за да ја тргнат сопругата од пат, од ситни функционери до високи партиски личности.

Затоа барам адвокат кој ќе се нафати да ме застапува, сакам да излезе вистината на виделина. Каде се сите институции, зошто замолкнаа, иако настанот е јасен како ден? Ќе одам до Европскиот суд за заштита на човековите права во Стразбур, сакам светот да дознае како се уништуваат животи во Македонија!-реагира Симонов, и потенцира дека има бројни докази со кои ќе откриел какви игри се играле во позадина на целиот случај.

Вели дека приведувањето на неговата сопруга се случило за време на верски празник, кога дома имале слава. Сам ги поминал и Божиќните празници, во четири ѕида, и се надевал дека сопругата ќе му се врати дома за кратко време. Но, како што раскажува, пет месеци трае нивната голгота, и сила му дава надежта дека ќе дочекаат правда.

-Пред цел свет сакаме да докажеме дека се работи за наместен случај. Здравјето ни е земено, достоинството ни е уништено, вмешани се многу луѓе, оти овде, во мало место, секој некому е роднина, сопартиец, секој со секого има бизнис интереси, тендери, пријателства… Ние по потекло не сме од Неготино, немаме овде свои луѓе кои би не поддржале, па станавме лесна мета на оние со големи амбиции.

Подготвен сум на суд да ја кажам целата вистина за нашиот случај, целата позадина на настаните! Нема да поштедам ниту едно име, сите кои на било каков начин се вмешаа во оваа хајка ќе бидат именувани, и се надевам дека мојот глас ќе биде слушнат. Јас повеќе немам што да изгубам, од мене направија мртов човек. Па ние сме родители, имаме и дете, се прашал ли некој како го минуваме овој период? Какви трајни последици остави сето ова врз нашите животи? Од луѓе посветени на образованието, не направија како да сме најдолни криминалци!

Уште еднаш замолувам, ако има адвокат кој би ни помогнал, нека ме контактира, зад нашата голгота се крие многу страшна приказна за намерно уништување на човечки животи – апелира Симонов.

Случајот со неговата сопруга се најде во центарот на вниманието минатата година, во ноември, кога од МВР соопштија дека наставничката била лишена од слобода, откако претходно била пријавена за психичко малтретирање на ученици.

Тогаш, директорката на училиштето Елена Стојанова во телефонски разговор за ,,Фокус” го потвди настанот и изјави дека таа ја пријавила наставничката во полиција, по реакции на ученици и родители, бидејќи од петокот до средата, кога се случи приведувањето, за време на настава наставничката со своето однесување ги вознемирила учениците и кај нив предизвикала страв.

Потоа следеа бројни реакции на социјалните мрежи, како и тврдења за голем број на прекршоци во случајов, но до ДПИ не била доставена претставка за оваа ситуација, појаснија тогаш од МОН.

Од министерството истакнаа дека сите оние информации кои биле доставени до нив, во врска со случајот, а кои укажувале на нерегуларности, ќе биле проследени до Државниот просветен инспекторат, со цел да се спроведе надзор и да се утврдат евентуални нерегуларности при постапувањето на директорката на училиштето.

До денес, за настанот нема официјално соопштение од надлежните институции.

Вики Клинчарова

Поврзани новости