Оливие Бони, кој е претседател на здружението „Есма – Крстосница на културите“, ја отвори првата канцеларија на здружението во Брисел.
Станува збор за здружение чија цел е промоција на ромската музика и култура во Белгија, а именувано е според Есма, бидејќи таа беше еден од најголемите амбасадори на ромската култура.
Инаку, Оливие Бони е сопруг на Елеонора Бони, единственото девојче кое Есма го зеде под своја закрила, и која сега настапува со „Есма’с Бенд Некст Џенерејшн“.
Здружението било формирано во 2020 година, а по паузата поради пандемијата, сега продолжувало континуирано со нови активности и проекти.
Очекувале поддршка и средства од белгиските институции, кои биле заинтересирани за соработка и поддршка на ромските организации.
Околу тоа колку Есма е почитувана во Белгија, зборува и настанот од пред две години. Имено, во 2021 година во Брисел, метро станица беше именувана според легендарната кралица на ромската песна, Есма Реџепова.
Тогаш белгиските медиуми пренесоа дека одлуката дошла со цел да им се оддаде почит на жените кои придонеле во обликувањето на историјата на Европа.
Истовремено, во Скопје се распаѓа нејзината куќа, која таа и ја остави на државата, со цел да биде пренаменета во музеј.
Вики Клинчарова