Сопругот на Јанкуловска за апелите за нејзино ослободување: Тие кои создадоа монструм над кој изгубија контрола, сега се загрижени за ниската доверба во судството!

by fokus

Пред три дена Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет и Тврдина“, односно за масовното нелегално прислушување во УБК, со што станаа очигледни шансите обвинетиот Сашо Мијалков да се спаси од случајот, бидејќи неговото дело застарува за две години.

Веста наиде на бурни реакции од јавноста, но и од високи државни функционери, и најчестите изјави на темава кои се пласира во јавност беа шокираност и апели до надлежните во правосудството да не дозволат да застарат делата на Мијалков, а виновниците да одговараат.

Исто така, деновиве на социјалните мрежи се почести се реакциите во кои јавноста бара ослободување на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која служи затворска казна од четири години за случајот ,,Тенк”, односно за набавката на мерцедесот на Груевски.

Според актуелните објави на граѓаните, Јанкуловска и покрај тоа што е жена и мајка на мало дете, се држела многу ,,помашки” од останатите обвинети, од кои дел побегнаа, а пак дел успешно се извлекуваат од обвиненијата.

Околу овие јавни апели и реакции, ,,Фокус” разговараше со Влатко Илиевски, адвокат и сопруг на екс министерката, која беше спроведена во затворот ,,Идризово” на отслужување на затворската казна во септември 2020 година. Во тоа време, нивниот син Петар имаше две години.

-Добредојдени се реакциите на граѓаните, посебно бидејќи во изминатите години имаше само малциозни коментари за Гордана.
Сепак, освен солидарност, која секако ја цениме, ваквите акции не можат многу да сменат.
На Гордана и останува уште многу време до отслужувањето на казната, уште една година и девет месеци.
Секоја мајка може само да претпостави како се носи семејството со ситуацијата, посебно кога е мало дете во прашање. Се потпираме на најблиските- вели Илиевски.

Јанкуловска, за разлика од повеќето јавни функционери кои беа осудени на затворски казни, не се случи да се жали на лоши услови додека е во затвор, ниту пак имаше ситуации како со многумина од осудените, кои во многу наврати реагираа дека во затворот им е влошена здравствена состојба и бараа лекување надвор од установата.

Токму поради начинот на кој мирно ја прифати судската одлука за затворска казна, за неа периодов чести се коментарите дека иако е жена, многу помашки се носи со ситуацијата од останатите осудени.

-Да, таква е сликата, но што имаме ние од тоа? Соочени сме со садистички систем, прогон карактеристичен за тоталитарните режими, а општеството, со ретки исклучоци како сега, е немо и/или гледа сеир и се сити – вели тој.

Околу тоа што мерцедесот од случајот ,,Тенк” и покрај своевремените најави на Владата не е продаден, и се уште се користи (последен пат во него се возеше германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер за време на неговата посета во Македонија пред три недели), Илиевски вели е дегутантно да се зборува за тоа.

-Тоа е апсурд! Евтин изговор за нејзината политичка елиминација. Видете ги само кои се актерите кои учествуваа во таа правосудна фарса и се ќе ви биде јасно.
Но, тоа не е само срам за правосудните органи, туку за цело општество и за меѓународната заедница која водена од опортунизам даде легитимитет на прогонот за постигнување на ,,повисоки цели”.
И сега тие, без срам и перде се загрижени за ниската доверба во судството, а со своето (не) сторување создадоа монструм над кој изгубија контрола – ни изјави Илиевски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости