Судот во Мадрид денеска ја повика Бегоња Гомеш, сопругата на шпанскиот премиер Педро Санчез, на сослушување во рамки на истрагата за корупција во приватниот сектор и тргување со влијание, а рочиштето е закажано за 5 јули, пишува бриселски „Политико“.
Нејзините деловни врски, како и оние со шпанската влада, беа под лупа од април, кога една нејасна екстремно десничарска антикорупциска невладина организација поднесе обвинение против неа и судот отвори прелиминарна истрага.
Полицијата задолжена за истрагата во мај објави дека не пронашла докази за вршење влијание, а по новото судско поканување, владината портпаролка Пилар Алегрија повторно ги отфрли обвинувањата и ја нарече екстремно десничарска кампања за оцрнување.
Кога во април се појавија обвинувањата за корупција на неговата сопруга, Санчез ги суспендираше сите свои должности на 5 дена, дури и размислуваше да поднесе оставка од функцијата што ја извршува од 2018 година.
Порталот потсетува дека тој сепак одлучи да остане на функцијата премиер на Шпанија.