Приказните за Марија Кири, Ана Павлова, Малала Јусафзаи, како и за други познати и непознати херои и хероини и инспиративни личности ќе бидат дел од најновата заедничка иницијатива на сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска и 5 Плус Фамилијата, соопшти Кабинетот на претседателот на државата.
Преку проектот „Раскажуваме заедно“ децата од предучилишна и училишна возраст ќе слушнат приказни за развојот и успехот на поединци кои низ историјата, секој во своето време и во областа во којашто работеле, оставиле силна трага.
-Со појавата и ширењето на епидемијата на вирусот Ковид-19 се смени реалноста во којашто децата и младите учат и го поминуваат своето слободно време. Во таа насока, преку оваа иницијатива на децата ќе им се понудат нови едукативни содржини. Целта на #РаскажувамеЗаедно е да го привлече и задржи вниманието на учениците и да стекнат нови знаења. Приказните од #РаскажувамеЗаедно ќе се емитуваат на јавниот сервис и на сите дигитални платформи на 5 Плус Фамилијата (Facebook, YouTube и Instagram), се наведува во соопштението.
Покрај сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска, дел од оваа иницијатива ќе бидат и други јавни личности од земјава.
-Сите тие ќе ги раскажат своите омилени, или пак ќе ги споделат приказните за личностите коишто нив ги инспирирале да не се откажуваат од своите соништа и да бидат истрајни до исполнување на зацртаната цел, посочуваат од Кабинетот на претседателот.