Телефоните во нашата редакција на престануваат да ѕвонат, а мајки кои поминале низ слични искуства и кои го изодиле трнливиот пат додека за прв пат во раце да го земат своето дете, сакаат да ги споделат своите искуства. Велат дека целта им е да им порачаат на сите кои се нашле во животна ситуација слична како нивната, да не губат надеж, но истовремено и да се сврти вниманието кон горчливиот проблем во земјава, големата смртност на новороденчиња.
Гордана Клинчарова, сопруга на поранешниот ракометар Мартин Клинчаров е една од низата мајки, која со години минувала низ агонија, се додека на крај не си го исполнила сонот, и станала мајка. Ја пренесуваме нејзината приказна, која по сите бури, на крај завршила среќно, и нејзината порака дека се надева како сите кои денес плачат бидејќи немаат деца, еден ден ќе ги држат своите најмили во прегратка.
-Со сопругот оваа година ќе прославиме 8 години од брак, заедно се две најпрекрасни суштества за нас, нашите две ќерки. Сето ова сега звучи и изгледа многу убаво, но воопшто не беше лесно да се дојде до оваа за мене најважна цел во бракот. Прв пат кога дознав дека сум бремена, се уште не бевме во брак. Тој беше на припреми, бидејќи е поранешен ракометар, а јас едвам чекав да се врати за да му ја соопштам радосната вест. Отидовме на лекар и се беше во ред, до наредниот преглед. На наредниот преглед, докторката Билјана Давчева ни кажа дека плодот нема срцева реакција. И неа и беше чудно што се случило, но тоа е тоа. Колку и да боли, колку и да ти е тешко, мора да се соочиш со вистината и да одиш понатаму. Абортусот го направив на ГАК и случајно кај тогашниот директор Др. Сашо, на кој што не му го запамтив презимето, кој за жал после ова ќе го барам уште неколку пати за лоши за мене работи. Бидејќи беше прв пат, а јас претходно без лош гинеколошки историјат, не се вознемиривме многу – истакна Клинчарова.
– И пак се супер до втор преглед, на кој повторно плодот губи срцева реакција. Пак на ГАК и се договараме со Др. Сашо да ни ги прати резултатите од фетусот. Ги добивме тие по извесен период, но во таа фаза воопшто не може да се утврди причината за угинувањето. По направени редовни ПАП и бактериолошки испитувања, кои беа во ред, се консултиравме со Др. Давчева што понатаму, зошто веќе почнуваш да размислуваш дали воопшто некогаш ќе станеш родител, дали ќе го држиш во рацете тоа мало слатко суштество што за тебе живот значи. Направивме неколку неопходни испитувања, но се беше во ред. Најтешко е кога се е во ред, но сепак ништо не е во ред. Седиш дома и си мислиш, како се е во ред, сите резултати, а ние не можеме да дојдеме до целта. Но што е тука е. Продолжуваш понатаму со животот, потајно надевајќи се дека се ќе биде во ред – раскажува Гордана за тешкиот период од животот.
Но овде не завршиле нејзните маки. Ја чекало уште полошо искуство, кога и нејзиниот живот бил загрозен, и за малку ќе починела од сепса.
-Поминуваат месеци, година и јас чувствувам неподносливи болки во стомакот. Одам кај Др. Давчева која ми кажа дека е вонматерична бременост и да одам на клиника да ме “средат”. Се јавувам кај Др.Сашо и плачам уште на телефон, не ни стигната кај него. Не прими и можам да кажам, за жал, не прати кај еден стар и доста познат доктор на клиника, кој не би сакала да го именувам.Кога му кажав дека се работи за вонматерична бременост, тој ме прегледа и ми даде некои таблети и ми рече дека нема врска да си одам дома. Вечерта јаки болки, му звониме и тој вика, пиј уште една таблета. Наредната вечер, јас дома колабирам од болка. Сестра ми ме носи во клиниката Систина, а сопругот дома испраќа гости. По пат сестра ми бара луѓе кои ги знае и успева Др.Дракулевски, на кој сум му вечно благодарна за овие две принцези дома, да го најде и тој да дојде од дома за да ме оперира. Додека да стигне сопругот, јас веќе сум била во операциона сала. Значи операцијата траела два часа, од кои зафатот бил 15-20 мин, а останатото време ми испумпувале крв. Ќе сум умрела од сепса. Од ништо не ти е, оди дома и пиј апчиња, ќе завршев да не кажам каде – раскажува Клинчарова.
По операцијата доктор Дракулевски ја критикувал зошто не се јавила на лекар.„Му покажав документи и се зачуди многу. Ова беше нашата прва средба со него. Човекот е толку пријатен и позитивен, но немаше објаснување за тоа што се случувало претходно. Рече дека ќе добиеме бебе, да не се секираме. Ни кажа да внимаваме, но ете се случи пак да забременам и пак иста песна. Веќе почнав да губам и сила и надеж, но имавме пријатели и познаници кои имаа слични проблеми, но тие ги губеа плодовите во 8-9 месец.Се тешев дека еве кај мене се се случува на почеток, па дека можеби тоа ми е олеснителна околност.Една изрека од сестра ми и ден денес си ја паметам, а требаше да ми биде утеха, НЕМОЈ ДА ПЛАЧЕШ. СЕГА ПЛАЧЕШ ЗА ДЕЦА, ПОСЛЕ ЌЕ ПЛАЧЕШ ОД НИВ. Ден денес кога сум исцрпена на крај на ден и кога ќе се видам со подраснат корен на коса, недепилирана, ми текнува на ова, но од друга страна кога ќе ги погледнеш, забораваш на сите маки и нервози – се присетува Гордана.
Поради големата желба да се оствари како мајка, таа дала отказ на работното место, верувајќи дека стресот од работата има влијание на настаните.
-Работев на место на кое одев сабајле на работа, а не се знаеше кога ќе се приберам дома. Немаше викенди, празници. Тоа беше мој избор, но пред да се случи сето тоа што се случуваше. Некогаш кариерата ми беше најважна од се, но почнав да мислам дека самиот стрес и начин на живот можеби имаат влијание на случувањата. Разговаравме со сопругот и решив да си дадам отказ. Одиме на одмор во Хрватска и договорени со пријатели во Дубровник, заедно да поминеме 5 дена и да продолжиме до Бол на Брач. Во Дубровник мене нешто ми е необично и му кажувам на сопругот, на кој веќе му е преку глава, но отвара интернет и бара по коментари кој е најдобар гинеколог. Закажуваме кај човекот и тој повторно ни соопштува дека сум трудна – 5,5 недели. Му кажуваме што се сме поминале и дали треба да се вратиме во Македонија, бидејќи и со кола сме дојдени. Тој ни даде некои таблети и ни кажа да си продолжиме и дека се ќе биде во ред. На нас не ни се веруваше и некако и не можевме да се израдуваме. Поминуваа месеците еден по еден. Редовни прегледи и контроли во Систина, се во ред. Правевме дури и амниосинтеза и тие резултати беа во ред, но некако не можевме да се опуштиме. Дури и не спремавме дома работи за бебе од што не ни се веруваше дека добро ќе заврши овој пат. И се беше добро до крај на 6-ти месец. Прокрварувам и тоа обилно ептен. Сопругот звони на Брза Помош, тие не доаѓаат. Ми вика ајде ќе одиме сами. Не бев во состојба да одам. Крв течеше како од чешма. Во кола почнав дури и да се простувам од сопругот. Меѓутоа, благодарение на Др.Дракулевски, сестра Анета и цел персонал на оддел Гинекологија, подоцна и неонатологија, ние денес го гушкаме најпрекрасното суштвество Галена која во јануари наполни 3 години. Три за нас најсреќни години, по претходните пет пеколни. После 40 дена одлежани во Систина, прославена и Нова Година таму, на 03.01, баш на роденденот на сопругот, Галена реши да му биде подарок на тато од мама – раскажува Гордана.
Нејзината новородена ќерка поминала 23 дена во инкубатор, им следел повторно период на неизвеснот, на закрепнување, за да на крај со полни раце си заминат дома.
-И токму кога мислев дека нај лошото заврши, јас останав на интензивна скоро 3 дена. Си родил бебе, не можеш да го видиш.Копликации после породувањето.Собран цел тим, повеќе лица кои не ги знаеш, но подоцна дознаваш од каде се била.Носат крв и плазма и слушаш на тел као нарачуваат се повеќе и повеќе. Кога конечно се симнав на оддел, пак шок. Бебето во инкубатор, јас дека со царски, нема шанси да отидам да го видам. Конечно после 5 дена се сретнавме. Токлу беше мало и нежно, а избоцкано и врзано со апаратот. Си одиш дома, а тоа останува во болница. Нема ништо потешко од тоа. Голема болка и неизвесност. Одиш секој ден по два пати и се прашуваш дали и кога ќе дојде денот да си ја гушнеш и да си ја земеш дома со тебе. После 23 дена, ја извадија од инкубатор, но мораше да поседи уште малку таму. Со последни сили го чекаш тоа уште малку кое вечност трае. Дојде и тој ден. Ја држиме во раце и не ни се веруваше. Но ете Господ сакаше ова дете кое се роди 1.790, сега да е прекрасно и многу паметно девојче – се сеќава мајката.
На нивно големо изненадување, по некое време таа и сопругот повторно дознале дека ќе станат родители. Овојпат, нештата се одвивале нормално, по природен тек, и набргу тие добиле уште едно девојче.
-По 2,5 години се случи повторно да затруднам. Бевме збунети и не ни се веруваше. Оваа бременост заврши без проблеми и сега место една, дома имаме две принцези. Во јули 2017 година, Галена ја доби сетсричката Матеа. Сега домот ни е полн со љубов и топлина. Многу е тешко, особено после поминати да кажам 3 операции, зошто и царскиот е операција, иако сите мислат дека не е нешто страшно, но некако добиваш сила. Си легнуваш доцна, стануваш рано, но кога не гушкаат, се топиме. Го користиме секој момент да си играме со нив, да ги прошетаме некаде. Нема поголема радост за родителите од тоа да ги гледаш децата среќни и насмеани. Сакам само да дадам совет до сите идни мајки. Без оглед на проблемите кои се случуваат, да имаат надеж и да не се откажуваат. Ако јас можев ова да го поминам, зошто да не може и некој друг. Најмногу ме чуди и на некој начин ме нервира кога ќе слушнам од некој познаник или пак ќе прочитам дека починало дете или мајка на породување или после некој период од раѓањето. Не можам да поверувам дека во 21 век, смртноста на бебињата во РМ е на доста високо ниво. Не можам да поверувам дека не постоел начин да се спаси мајката за време на раѓањето. Сепак треба грижа и посветеност. Не е работата на докторите ритуал, туку одговорност кон пациентот – порача Клинчарова.
Официјалните податоци на УНИЦЕФ, во рамките на кампањата „За секое дете, живот“ покажуваат дека во регионот Македонија има најголема стапка на смртност кај новороденчињата во првиот месец по раѓањето, односно дека Македонија е на второ место по смртност на новороденчиња во Европа, веднаш по Молдавија.
Вики Клинчарова