Сопругата на Кирил Петков раскажа за болеста на нивната ќерка: Човек го прави и невозможното – можно, за да биде покрај детето!

by Fokus

Сопругата на актуелниот бугарски премиер Кирил Петков, Линда Мекензи Петкова, во регионов стана препознатлива по многубројните тетоважи на телото, кога во повеќе медиуми се појавија нејзини фотографии од плажа, но околу тоа која е всушност таа и како живее, не се објавија многу детали.

По потекло од Канада, мајка на нивните три ќерки Ванеса, Ема и Ани, сопственичка на продавницата ,,Амели свит шоп”, лоцирана во Софија, а во која се продаваат исклучително безглутенски колачи, соленки и торти.

Заедно со своите колеги работела во смени, два дена работно, па два дена пауза, а во интервју за бугарскиот магазин ,,Ева” открива нови детали за себе и семејството, помалку познати на пошироката јавност.

-Се радувам што во слаткарницата доаѓаат луѓе кои ги имаат истите проблеми како мене. Тоа значи семејство и деца кои не поднесуваат глутен и се болни од дијабет. Нашата средна ќерка Ема е дијабетичар, и веќе десет години дома приготвуваме безглутенска храна. За неа режимот е построг, но сите свикнавме на тој начин на исхрана.

Неодамна останав на работа до касно, бидејќи дојде еден маж, страшно вознемирен од дијагнозата која му била поставена на неговиот четири-годишен син. Се интересираше за се, што да прави, како да го храни своето дете, како да се следи нивото на шеќер, како ќе им се промени животот и што да прават за да се адаптираат кон болеста на син му.

Многу долго разговаравме и драго ми е што не некој начин го смирив. Споделеното искуство е многу важно за луѓето кои минуваат низ слични предизвици.
Му кажав дека кога нешто лошо ќе се случи, човек го прави и невозможното – можно, само да биде покрај своето дете – раскажува Линда Петкова.

Таа и Кирил се запознале во Канада кога имала 18 години и им се случила љубов на прв поглед. Ги запознала нејзината сестра близначка и на почеток се случувало тој да не ги разликува бидејќи двете премногу си личеле.

Се венчале во 2000 година во Ванкувер, во парк покрај океанот, а имале околу 20 гости на свадбената забава.
Во Бугарија се преселиле во 2007 година и на почеток и било тешко да го совлада бугарскиот јазик, но со тек на време се прилагодила на новиот начин на живот.

Најтешко и паѓало кога требало да се заврши некоја административна работа.

-Кога треба да се земе лична карта или некој друг документ, логистиката е страшна! Одиш на еден шалтер да си земеш документ, па те праќаат на друг, па правиш копија… Во еден момент ти викаат дека нешто ти недостига, па одиш на друг кат да потполниш апликација, па на крај излегува дека ти фали уште некој документ кој не ти кажале на почеток дека ќе ти треба, одиш дома да го земеш. Потоа пак на шалтер, и следува истата вртелешка одново – вели Петкова.

За сопругот раскажува дека им е тешко откако станал премиер бидејќи нема многу слободно време. Излегувал од дома во седум часот наутро, се враќал често и на полноќ. Се гледале кратко наутро или пак за викенд, и најчесто оделе на пливање во базен, во турска бања, во спа центри… Како минувало времето, Канада не и недостигала повеќе.

-На почеток ми недостигаше, но сега веќе не. Мојот дом е Бугарија. Имам чувство дека нештата во Канада се променети, и поразлични од она што јас го познавав. Немам веќе мое место во Канада, таму е татко ми, моите сестри, но повеќе не е исто за мене- раскажува.

Во Бугарија сега имала пријатели и добри соработници во слаткарницата, а многу ја сакала и тамошната храна. Омилен и бил гравот и свинско месо со кисела зелка.

За тетоважите раскажува дека дивите рози симболизираат поврзаност помеѓу Канада и Бугарија, бидејќи ги имало и во двете земји, а пак трите гулаби биле истетовирани во чест на нејзините ќерки.

Вики Клинчарова

Поврзани новости