Сопругата на градоначалникот на Ново Село била приведена заедно со него за шверц на цигари

by Fokus

Сопругата на градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев била заедно со него во автомобилот кога бил приведен за шверц на цигари, неофицијално дознава „Фокус“.

Во соопштението од струмичкото СВР се наведува дека синоќа во близина на село Бадилен, од страна на полициски службеници, се запрени две моторни возила натоварени со картонски кутии со цигари.

-Во едното возило имало 29 кутии со по 50 штеки и една кутија со 49 штеки цигари, а било управувано од страна на Б.С. (54), со сопатник Ј.С. од село Ново Коњарево. Во другото возило управувано од Г.С. (24) со совозач С.В (26)  од село Ново Коњарево, биле натоварени 35 штеки цигари и една кутија со 49 штеки цигари и една штека со девет кутии.

Основното јавно обвинителство Струмица поведе постапка против пет лица за сторено кривично дело Криумчарење од чл.278 ст. 2 во врска со ст. 1 во врска со чл.22 од Кривичниот законик, соопштуваат од таму, откако Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека е спроведена акција во која е приведен и градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев.
„Лицата се осомничени дека на 10.07.2018 година се обиделе да пренесат непријавена стока – цигари преку див премин на македонско-бугарската граница. Од страна на овластени полициски службеници биле откриени и сопрени на два километри од граничниот камен, при што во двете возилата со кои се превезувале им биле пронајдени 66 картонски кутии со околу 3.300 штеки цигари, во вредност од 3.245.589 денари.
Станува збор за криумчарење поголемо количество непријавена стока, за кое кривично дело согласно Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години“, велат од Обвинителството.
Од таму додаваат дека надлежен јавен обвинител до Основниот суд Струмица предложи определување мерка притвор за четири лица, додека за едно, од здравствени причини, се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување во суд.

Поврзани новости