Велат дека во осумте години минати во брак, успеале да го изодат патот од пеколот до рајот, и како денес, по се низ што поминале, научиле како да се радуваат на малите нешта, да уживаат во секоја насмевка на синот единец, на секој негов нов збор.
-Секој миг поминат со Роман за нас е благослов, посебно неговите родендени, сеќавајќи се на неговите 1.500 грама и моментите на исчекување. Дополнителен стрес представуваше кај нас нашата историја на две починати деца, Паоло во 2011 и Аритон во 2013 година, и двете родени на ГАК, едното во 32 недела, другото во 31 недела од бременоста. Роман е сосема поинаква приказна, роден последен ден од 28 недела на клиниката Систина. Од првиот до последниот ден од бременоста бев под око на единствениот и незаменлив доктор Дракулевски и сестра Анета, бременоста ја поминував во неизвесност и без преголема возбуда, бидејќи нашето минато беше црно и овај пат го очекував најлошото. Но нашето црно се претвори во розево, Роман се роди на 21 февруари, а од рацете на др. Дракулевски појде во рацете на нашиот втор спасител, доктор Фиданоски и нашите таканаречени самовили на интензивна неонатална нега на клиниката. Еден месец беше неговиот престој таму, но ние бевме секојдневно со него, го пиеше моето млеко, го чувствуваше мојот допир, што за жал со нашите први деца не беше така. Имавме право да ги видиме само два пати неделно и тоа преку стакло – се сеќава Ивана.
-Раѓањето на Роман животот ни го претвори во бајка, бајка за која само мечтаевме, неговото растење, секој негов збор, негов чекор, значи буквално се ние прославуваме! Искрено, до ден денес се будам ноќе и слушам дали диши, знам и да си заплачам и да си изустам, да ова е вистина! Неговите родендени ги подготвувам уште два месеци предходно, за нас тој е цел свет! За нас Роман е живот, ние повторно почнавме да живееме кога се роди тој. Роман е темпераментно дете кое веќе почна да чита, зборува англиски, напреден е и не се разликува од децата родени во нормален термин – раскажува Ивана.
Додава дека е фрапирана од официјалните податоци на УНИЦЕФ, во рамките на кампањата „За секое дете, живот“ кои покажуваат дека во регионот Македонија има најголема стапка на смртност кај новороденчињата во првиот месец по раѓањето, односно дека Македонија е на второ место по смртност на новороденчиња во Европа, веднаш по Молдавија.
-За смртноста на бебињата сум згрозена, а и фактот дека сме втори во Европа по смртност крајно ме иритира. Па во светот преживуваат деца и со 400 грама, а кај нас тоа е како светско чудо! Досега јавно немаме никого критикувано, но моја нога на ГАК никогаш повеќе нема да стапне! Имам јас уште многу да кажам на темава, но во нас има човечност, не сакам да ги отворам старите рани кои до ден денес болат како првиот ден. Децата се моја слаба точка, после два абортуси, после два починати сина, Роман ни е светла точка која не води низ животот! Ни следува една хируршка интервенција со него наскоро, но сигурни сме дека и тоа ќе помине, Господ е голем, и со голема верба, надеж и љубов сме ова што сме денес – тврди мајката на Роман.
Со Дејан, кој моментално игра во ФК Лабуништа, Струга, а во минатото играше во Пелистер, Металург, Еуромилк, Брегалница, Силекс и Скендербег Албанија, велат дека се надеваат како еден ден ќе го наследи на терените, ќе продолжи да трча по неговите стапки. Но дури и да не го наследел Дејан во фудбалот, велат дека секогаш ќе се гордеат со него.
Вики Клинчарова