Сопругата на директорот на разузнавање Муслиу, зела 620.000 евра грант по налог на владата, велат од ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

Сопругата на Директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу земала 620.000 евра грант, додека над 600.000 наши сограѓани живеат на прагот на сиромаштијата, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

„По налог на владата на Димитар Ковачевски, сопругата на Муслиу добила странски грант за тема поврзана со тероризам, односно токму тоа е предмет на работа на Агенцијата за разунавање чиј директор е токму Муслиу.

Со склучување на меморандум помеѓу Националниот координатор за борба со тероризмот и конзорциумот составен од невладини организации чиј сопственик на една од тие НВО е сопругата на Муслиу и се дадени 620.000 евра грант.

Дополнително симптоматично е тоа што, меморандумот не е достапен за јавноста, што отвора сомнеж дека власта свесно се обидува да го затскрие, а се поставува и прашањето зошто. Доколку владата на СДС и ДУИ не склучила договор за конзорциум со овие НВО, немало ниту да ги добијат овие 620.000 евра“ велат од опозициската партија.

Оттаму додаваат дека секогаш кога биле фатени во криминал, функционерите на СДСМ и ДУИ, ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за албанофобија.

„Но, не е албанофобија кога грабаат грантови од 620.000 евра и вршат трговија на влијание. Во која европска држава или НАТО земја членка, освен Македонија, се доделуваат повеќе од пола милион евра на сопруга на директот на Агенција за разузнавање чија работа е дел од службата?

До сега да беше Македонија нормална држава во која функционира владеењето на правото, не само што Муслиу ќе си поднесеше оставка, сопругата ќе ги вратеше парите, туку и Јавното обвинителство и ДКСК ќе отвореше веднаш предмет за истрага“ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости