Антикорупциска комисија денеска утврди сериозни сомневања за непотизам кај поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ. На денешната седница членовите на Комисијата разгледаа вкупно десет постапки каде постојат индиции дека државни функционери ја искористиле својата положба за во државни институции да вработат блиски роднини.
Според антикорупционерите се бирале институции со високи плати, како АЕК, МЕПСО и ЕЛЕМ, а законот бил изигруван така што роднината бил вработуван со одлука на директорот.
Комисијата разгледа два случаи за непотизам кај сегашниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Првиот случај се однесува на негова братучетка, Јелица Милошоска вработена во ЈП „Водовод и канализација“. Овој случај дополнително ќе се испитува, заклучија антикорупционерите.
Милошоски се сомничи и дека влијаел при вработувањето на негов братучед во Централниот регистар. Кога братучедот, Станко Коруноски, бил вработен во Централниот регистар, Милошоски бил на функција министер за надворешни работи.
Антикорупциска го разгледа и случајот со сопругата на Кирил Божиновски, поранешен генерален секретар во Владата на Никола Груевски. Кога Кристина Божиновска била вработена во АЕК таа се уште не била мажена за Божиновски. Нејзиното вработување се случило во јуни 2009 година, што според Антикорупциска е сомнително затоа што станува збор за период на годишни одмори.
ДКСК побарале документација од АЕК за постапката за ова вработување, но не ги добиле потребните документи. Наместо тоа им било одговорено од АЕК дека документите се уништуваат една година по постапката.
Иако има сериозни индиции за непотизам, Комисијата одлучи дека нема надлежност за постапување бидејќи двете лица повеќе не се државни службеници.
-Законот за работни односи и овде е класично искористен како порта да се вработат лица кои може не се соодветно квалификувани – констатираа антикорупционерите.
Комисијата ги разгледа и случаите со вработување на двете ќерки на Елена Гошева, поранешна претседателка на Уставен суд. Бојана Гошева била вработена во АЕК, додека Слободанка Гиевска во Т-Мобиле.
Предмет на разгледување беше и вработувањето на таткото на Игор Јанушев, во ЦУК, но Комисијата одлучи дека нема надлежност за случај кој е стар повеќе од десет години.
Во АЕК ќе се врши вонреден инспекциски надзор за вработувањето на Сања Димитриевски, поранешен државен секретар во МВР. Таа на нејзино барање била разрешена од оваа позиција, по што го добила работното место во АЕК. Антикорупционерите констатираа дека се креирале посебни услови за Димитриевска да биде вработена.