Уште еден Македонец се претстави пред публиката во регионот во новата сезона на популарното музичко шоу ,,Никогаш не е доцна”. Велешанецот Валентин Миланов (53) го привлече вниманието на гледачите со изведба на хитот на Френк Синатра ,,Њујорк, Њујорк”, а раскажа и интересни детали за својот живот.
-Во основно училиште во хор, во средно училиште имав свој бенд, а во војска продолжив во војничкиот оркестар.
Моментално работам како менаџер за набавка во многу успешна фирма во Велес, пекара Вел, имам и семеен бренд, Миланов Хоме маде, значи сушам домати на сонце, а имам и насад со бадеми.
Долги години сум во одбојката, како член на управата, претседател на одбојкарскиот клуб во Велес, член сум и на Ротари клубот во Велес.
Сопругата ми е јавен обвинител во Велес, ќерката се пресели на Флорида, синот има 16 години- раскажа за својот живот Миланов.
Околу тоа зошто се решил за учество во музичкото шоу, во кое се откриваат таленти во позрели години, кои сакаат да изградат музичка кариера, тој вели дека сакал да направи нешто за себе.
-Јас сега сакам едноставно, покрај се, да кажам, еве ќе направам нешто за себе, и тоа е тоа. Да ја ставам во мозаикот коцката која цел живот ми фалеше – порача велешанецот.
По изведбата Валентин доби голем аплауз и комплименти од жири комисијата, посебно од Неда Украден, поради изборот на песната која е тешка за изведба. Му порачаа дека слободно ќе може да настапува и во Њујорк, поради специфичната боја на гласот.
Вики Клинчарова