Сообраќајната полиција вчера во Скопје изрекла 160 казни, од кои повеќето за брзо возење, како и на возачи без возачка дозвола и на оние кои минале на црвено светло.
„Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 160 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 30 санкции, 10 санкции за возење без возачка дозвола, три мерки за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Сообраќајната полиција изрекла и четири мерки за користење мобилен телефон при возење, седум казни за минување на затворен сигнал – црвено светло, пет санкции за некористење сигурносен појас, три санкции за технички неисправни и нерегистрирани возила..
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, соопшти МВР.