Сообраќајка во Лисиче, еден починат и тешко повредено девојче

by Fokus

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на местото на тешка сообраќајна несреќа која се случи околу полноќ во Ново Лисиче, на сервисна улица во близина на трговскиот центар „Лиса“.

Според првичните сознанија, до несреќата дошло при судар на два автомобили – „Рено“ управувано од 21-годишен скопјанец и „Фолксваген поло“ со кое управувал 48-годишен жител на Стајковци.

-На 26.01.2022 во 00.05 часот било пријавено дека на крстосницата од бул.„Видое Смилески Бато“ со сервисна улица се случила соопраќајна несреќа меѓу патничко возило „рено“ управувано од Т.М.(21) од Скопје и патничко возило „фолксваген поло“, управувано од Д.Г.(48) од с.Стајковци, скопско, двете со скопски регистарски ознаки, потврдија од МВР за „Фокус“.

Во несреќата, возачот на автомобилот Фолксваген се здобил со тешки телесни повреди на кои им подлегнал на лице место. Со тешки телесни повреди се здобила и неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот. Возачот на автомобилот Рено се здобил со телесни повреди и откако му била укажана лекарска помош, тој е задржан во полициска станица.

Во насока на утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатиот, како и за вештачење на примероци од крв и урина од возачот на другиот автомобил со цел да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства. Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видео надзорот на местото на несреќата преку системот „Безбеден град“.

С.Т.

Поврзани новости