Доколку до крајот на месецов не бидат исполнети барањата на СОНК за усогласување на платите во основното и средното образование, велат дека ќе ги активираат најрадикалните синдикални мерки.
„Советот на СОНК го прифати барањето на Кабинетот на претседателот на Владата за дополнителен период за преговори од една недела , односно до крајот на месец септември. Доколку и по овој период не се излезе со позитивно решение за членовите на СОНК, односно за вработените во основно и средно образование, Советот на СОНК ќе донесе Одлука за понатамошни синдикални активности, не исклучувајќи ги и најрадикалните“ се наведува во заклучоците на Советот на СОНК.
Исто така се додава дека треба веднаш да започнат преговорите за склучување на нови колективни договори во основното, средното и воското образование и истите што поскоро да завршат.
„Советот на СОНК констатира дека премногу долго траат преговорите помеѓу СОНК и МОН, односно Владата и сметаат дека час поскоро треба да завршат со прифатливо решение за двете страни, како би можело усогласувањето на платите да започне со септемвриската плата“ стои во заклучоците од Советот на СОНК.