Денеска истекува рокот што Самостојниот Синдикат за образование и наука (СОНК) им го даде на ректорот Саша Митрев и деканот Ристо Фотов од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“да постапат по решението на Државниот просветен инспекторат, во кое се наведува дека во рок од осум дена треба да ја повторат постапката и тројцата професори Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски да бидат избрани во повисоки звања. Доколку тоа не се случи, цело раководство на СОНК, односно 46 професори и наставници најавија дека од утре солидарно ќе се приклучат кон штрајкот со глад на избрканите професори.
Веќе поминува 11-тиот ден, како професорите не јаделе ништо. Тие единствено пијат течности кафе, какао, вода и чај. Нивната здравствена состојба секојдневно се влошува.
Пред неколку дена, Фокус“ контактираше и со лекари, за да ни објаснат стручно – колку време професорите можат да издржат без храна и кои се првите симптоми кои се појавуваат од прегладнетост?
– Без храна, на течности може да се издржи повеќе време. Но, факт е дека првите симптоим, вртоглавица, малаксаност, губење на енергија и концентрација се јавуваат по неколку денови – истакна доктор Катерина – Спасеска-Ѓуровска, општ лекар.
Универзитетските професори бараат до 2 август да бидат унапредени, иако ректорот на штипскиот Универзитет Саша Митрев тврди дека до 7 август се на колективен одмор и не можат до тогаш да постапат по решението на Државниот просветен инспекторат. Работата се проблематизира, бидејќи ако тие до 2 август не бидат избрани во повисоко звање, тогаш ќе треба да се поништи конкурсот и целата постапка да почне од почеток.
Тројцата професори со штрајк со глад почнаа пред 11 вдена. Тие добија поддршка од дел од своите колеги, како и од апсолвентите на Економскиот факултет.