Претседателството на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија (СОНК) денеска одржа вонредна седница на која присуствуваа и тројцата професори од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, а кои веќе четврти ден штрајкуваат со глад откако беа избркани од работа.
Според СОНК, одговорните органи од Економскиот факултет направиле грубо кршење на член 38 од Уставот, со кој се гарантира правото на штрајк. СОНК реагира и на фактот што професорите Маргарита Матлиевска, Крсто Шајноски и Александар Костадиновски биле грубо отстранети од просториите на факултетот на 11 јули годинава.
„Државната просветна инспекција и Државната трудова инспекција покажаа неприфатлив инертен однос во врска со нивните надлежности со споменатиот случај и покрај навременото писмено известување и од страна на раководството на СОНК“, стои во заклучокот на Синдикатот.
СОНК бара Државната просветна инспекција и Државниот трудов инспекторат веднаш да ја утврдат фактичката состојба во врска со основаното сомнение дека се направени повеќе прекршувања во постапката и донесувањето на одлуката од страна на Наставничкиот совет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип , која е директна причина за стапување во штрајк со глад на тројцата универзитетски професори.
„Бараме Трудовата инспекција да утврди која е причината поради која тројцата професори се уште немаат добиено писмен документ, иако Наставничкиот совет одлуката ја има донесено на 7 јули 2014 година! Од трудовата инспекција се бара утврдување на конкретната одговорност за отстранувањето на тројцата професори од Економскиот факултет, со цел да бидат спречени да го одржат најавениот штрајк и да се покрене соодветна постапка утврдена со закон“, стои во заклучокот.
СОНК го повикува Народниот правобранител Иџет Мемети веднаш да отвори случај, а потесното раководство на СОНК да ја разгледа можноста и да донесе одлука, по основ на солидарност, да се приклучи со штрајк со глад на Претседателството на СОНК .
Воедно, СОНК најостро ја осудува изјавата на деканот Ристо Фотов, дадена за медиумите, дека не дозволува одржување на штрајк со глад, бидејќи факултетот на бил детска градинка.
„Бараме деканот итно да се извини за оваа изјава и тоа преку средствата за јавно информирање“, се вели во заклучокот на Синдикатот.