Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК смета дека одлуката на Владата според која градинките од 1 септември треба да почнат да работат во две смени, нема подлабока анализа како тоа да се спроведе непречено.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, истакна дека тие веќе апелирале до Министерството за труд и социјална работа, преку кое ќе се спроведува владината одлука, да достави барање до Владата за одложување на процесот на двосменското работење, сè додека не бидат изнајдени соодветни решенија околу прашањата кои се важни за нив како работници, за родителите, а најмногу за децата.
„Локалната самоуправа мора во рамки на своите надлежности да го организира и работното време во согласност со побарувањата на родителите за двосменско работење. Отворени се и други прашања во делот на трансформација на работните договори на наши работници, кои долго време работат на повисока позиција, а земаат плата во согласност со решение кое им е издадено со пониско работно место. Ние побаравме да продолжи континуитетот на зголемување на платите во детската заштита и во оваа насока, добивме уверување од страна на министерката Царовска дека овие прашања се веќе разгледувани во ресорното Министерство и дека во наредниот период ќе излезат со конкретни одговори на нашите барања“, истакна Неделков.
На денешната прес-конференција, Неделков посочи дека СОНК има нејаснотии околу тоа како ќе се одвива двосменското работење, почнувајќи од работното време за кое во дописот се кажува дека ќе биде од 7 до 21:30 минути, потоа како ќе се формираат детските групи и секако, како ќе се реши проблемот со немање кадровски капацитет на градинките, односно мал број вработени кои не можат да ги задоволат потребите на една смена.
„Има проблеми и со негувателскиот и воспитувачкиот кадар кој работи со групи деца кои во сите општини се двојно поголеми од нормативите кои се пропишани. Често се случува еден воспитувач да работи, односно да биде одговорен за некоја друга група поради недостиг на кадар по основ на боледување итн. Секако, најголем проблем е мотивираноста на вработените која е најниско скалило“, истакна претседателот на СОНК.
Според Неделков, а во согласност со нивните претходни анализи кои се однесуваат на двосменското работење на градинките, неопходно е вработување на околу 200 луѓе во детската заштита, доколку, како што рече, сакаме проектот непречено и исправно да се реализира.