Раководството на СОНК бара итно да се формира работна група составена од по еден претставник од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Економско-социјалниот совет на национално ниво и Самостојниот синдикатот за образование, наука и култура, со цел да се утврди фактичката состојба околу сите случувања поврзани со генералниот штрајк на СОНК и за сегашните состојби во СОНК.
Како што велат од СОНК, задача на работната група би била врз основа на целокупната документација, која е официјално заведена по датум, број, потпис и печат од страна на легитимните органи на СОНК и доставена до ресорните министерства, со нивни печати за извршен прием на истите, да се утврди кога се доставени Барањата и целокупната документација, поради кои сега СОНК е во Генерален штрајк.
„На крајот предлагаме, или поточно кажано, ќе побараме, каков и да е наодот на работната група, истиот јавно да биде објавен со потписи на членовите од работната група“, се додава во денешното соопштение на СОНК.
Од синдикатот истакна дека имаат и уште едно барање.
„Бараме оваа овластена група да ја утврди и вистината околу тврдењата за висината на средствата кои пристигнуваат во Советот на СОНК и за кои овластен потписник е претседателот на СОНК, се со цел да се утврди кој ја кажува вистината – СОНК, одредени новинари или вљубеници во докажување на вистината по пат на читање на однапред напишани „вистини“, се вели во соопштението на СОНК.