По студеното утро, времето денеска ќе биде сончево со мала облачност, се вели во прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Наутро, по одделни котлини ќе има појава на магла. Облачноста се очекува во вечерните часови да се зголемува, а ќе дува и слаб ветер од променлив правец. Утринската температура ќе биде од минус 10 до минус 2 степени, а во текот на денот од 6 до 14 Целзиусови степени.
Во Скопје, времето денеска ќе биде претежно сончево и тивко, а температурата од утринските минус 6 степени во текот на денот ќе се искачи до 10 Целзиусови степени.
За утре, од УХМР најавуваат дека времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен ветер од северен правец кој ќе достигне брзина од над 60 километри на час.
Во Скопје, утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од северен правец. Температурата утре ќе се движи од минус 7 до 2 степени наутро, а во текот на денот од 4 до 12 Целзиусови степени.