Од Министерството за одбрана денеска на брифинг со новинарите информираа за случај во кој сомнителна фирма со руски капитал се обидела да влезе на тендер за набавка на специфична опрема во Министерството.
Фирмата, како што пренесува МИА од брифингот во присуство на министерката Славјанка Петровска, била регистрирана во земја членка на Европската Унија за да се прикаже како релевантна на пазарот. Сепак, уште пред да биде направена безбедносната проверка во постапката за јавната набавка, македонските разузнавачки служби го вклучиле алармот оти станува збор за сомнителна руска фирма.
“Тоа беше индикативно, затоа што првата фаза што помина понудата на оваа фирма беше приближно скоро иста со другите две фирми, значи не се разликуваше многу, може за некои стотина илјади евра. Меѓутоа, во втората фаза спуштија неверојатно ниско, скоро 50 отсто поевтина сума и тоа ни го потврди сомнежот дека по секоја цена сакаат да го земат (тендерот)“, вели министерката Петровска.
Информирајќи за случајот, таа кажа дека според Кривичниот законик во конкретниот случај нема основа за кривично дело, но посочи дека заштитата на безбедноста на државата треба да се крене на повисоко ниво.
Во тој контекст, Петровска рече дека се прават анализи за можна промена на Законот за јавни набавки во делот каде што како главен критериум за добивање јавна набавка фигурира најниската понудена цена.