Пожарникарите веќе два дена водат голема битка да ги стават под контрола шумските пожари на југоистокот на Србија.
Најголемите пожари во моментот се на подножјето на врвот Видлич на Стара Планина, во општините Димитровград и Пирот, на границата со Бугарија, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Огнот зафатил неколку стотини хектари во тој регион, јавува Радио-телевизија Србија (РТС).
Две села во таа област се загрозени бидејќи огнот се приближува, изјави Лука Чаушиќ, началник на Секторот за вонредни ситуации при МВР на Србија. Се распламтил и пожар во општина Жагубица.
Полицијата се сомнева дека пожарите се подметнати. Пожарот на Видлич го гасат вкупно 120 лица – пожарникари и работници од Јавното претпријатие „Србијашуме“, а ангажирани се и хеликоптери.
Општина Димитровград наскоро би можела да прогласи вонредна состојба, јавува РТС.
Ситуацијата е сложена бидејќи се работи за исклучително непристапен терен. – Во овој регион се загрозени две села, Одоровци и Гуленци, но ќе ги насочиме сите сили да ги заштитиме жителите, изјави Чаушиќ.
Постои сомневање дека подметнат е и пожарот во регионот на Сува Планина.
Во Србија температурата во јули и август неколку пати надмина 35 степени Целзиусови.