Ревизорскиот извештај во МЕПСО за 2016 година утврди индиции за сторени незаконски дејствија, поради што Владата го препрати извештајот до Републичкото Јавно обвинителство. Како што информираа денеска од Владата сомневањата се однесуваат за две спорни ситуации.
Според владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, раководството на МЕПСО преплатило имот кој донело одлука да го откупи во 2013 година, иако две години претходно МЕПСО добиле поевтина понуда за имотот со површина од 2.178 метри квадратни. Понудената цена била во износ од 3,7 милиони евра.
-МЕПСО ја одбива оваа понуда, но две години подоцна, истиот имот, со истата површина, друго правно лице му го продава на МЕПСО за цена од 4,8 милиони евра – изјави Бошњаковски.
Втората спорна точка во ревизорскиот извештај, додаде тој, е од времето на двоењето на Електростопанство на Македонија.
-Дел од мрежата далеководи, трафостаници во сопственост на МЕПСО не биле впишани во катастарот како имот на МЕПСО. Овие објектои ЕВН ги имам издадено под закупи и има земено хипотекарен кредит. Овој имот е во сопственост на државата, односно на МЕПСО – рече Бошњаковски.