Грчките новинари од Солун, ја искористија можноста додека, солунскиот митрополит Антимос и министерката за областите Македонија и Тракија, Мариа Коља-Царуха, говореа за денешниот празник Водици што се слави во Грција, како што јавува дописникот на МИА од Атина, да ги прашаат и за најавените протести, но и за прашањето за името.
Ставот и на солунскиот митрополит Антимос и на министерката за грчките области Македонија и Тракија е дека „Македонија е грчка“.
Коља-Царуха, која е од редовите на Независни Грци, како министерка, во Солун ја претставуваше Владата на осветувањето на водите и фрлањето на крстот по повод празникот Водици. Говорејќи во името на нејзината партија, рече дека Македонија е грчка и дека Македонија е Грција.
– Ние, Независни Грци и Панос Каменос и како лидер на партијата и како министер за одбрана, и јас лично како министер за Македонија и Тракија, веруваме дека Македонија е грчка, дека никој нема право да го користи ова име за свои цели. Затоа ќе се бориме, рече Коља-Царуха, во изјава за грчките новинари, пренесува МИА.
Со идентичен став и солунскиот митрополит Антимос, кој вели „ Македонија, значи Грција и Грција значи Македонија“.
Солунскиот митрополит, пак, во изјава за грчките новинари, како што пренесува МИА, вели дека потребно е да се организира еден заеднички протест, а не неколку различни и одвоени, затоа што така не може да се постигне успех. Во однос на тоа дали тој лично, би презел иницијатива за организирање, објаснува дека такво нешто би требало да биде организирано од црквата на Грција.