Сојузот на средношколци денеска пратил писмо до Кабинетот на претседателот на Владата Зоран Заев од кого бара да ги прими на средба за да разговараат за државната матура.
Како што информира Сојузот и неговиот претседател Бленди Ходаи, во писмото до премиерот бараат средба на која ќе ги изнесат нивните две барања за модифицирање на државната матура – намалување на бројот на предмети од четири на два и скратени наставни програми.
– Се надеваме дека сте информирани за ситуацијата околу државната матура и преку медиумите и преку официјалните канали на комуникација. Исто така, се надеваме дека средбата ќе се одржи што поскоро, бидејќи времето истекува, што значи дека треба брзо да делуваме за да го решиме прашањето, пишува во писмото на Средношколски сојуз упатено до Кабинетот на премиерот.
По 12 дена бојкот, кој го почнаа на првиот ден од второто полугодие, матурантите организирани од Сојузот на средношколци денеска се вратија на настава. Сојузот одлучи да го стави во мирување бојкотот и да почека Парламентот да најде решение откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе Предлог-закон за измени и дополнување на Законот за средно образоание.
Претседателот на Средношколски сојуз Ходаи изјави дека до крајот на февруари ќе ја следаат наставата и ќе чекаат Собранието да го прифати и изгласа нивното барање, а ако тоа не се случи најави дека ќе кампуваат пред Министерството за образование и наука.