Омикрон-сојот се шири исклучително брзо и досега е забележан во 77 земји. Во Северна Македонија сè уште не е регистриран случај на новиот сој, а состојбата со коронавирусот засега е стабилна.
И во светот и кај нас остануваат клучните препораки за заштита и за вакцинација, иако Светската здравствена организација укажа дека вакцините би можеле да бидат помалку ефикасни против инфекции и трансмисии поврзани со омикрон-варијантата на коронавирусот, која има поголема способност за реинфекција. За заштита од новиот сој, СЗО препорачува покрај вакцинацијата да се преземат и санитарни мерки, како лична хигиена, носење маски, проветрување.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен очекува Омикрон да стане доминантна варијанта во Европската Унија до средината на јануари и оти се подготвени да се борат со зголемена вакцинација.
Таа информираше дека досега повеќе од 300 милиони Европејци или 66,6 отсто од популацијата на ЕУ се целосно имунизирани против Ковид-19, а 62 милиони веќе примиле засилена доза од вакцината. ЕК ќе почне и со онлајн информативни кампањи, со цел да ги убеди луѓето да се вакцинираат.
Заклучно со 14 декември во Северна Македонија вакцинирани се 838.987 граѓани, ревакцинирани се 810.990, а трета доза примиле 86.266 граѓани. Вкупно аплицирани се 1.736.243 дози вакцини.
На последната седница на Владата, беше донесена одлука за набавка на вакцини против коронавирусот за 2022 година, со која е утврдена потребата од набавка на 500.000 дози на мРНА (мРНК) вакцини од производителот „Фајзер“, во кои ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од еден отсто од вкупниот број деца во земјава на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози.