Синоќа на градскиот плоштад во Неготино беше организиран хуманитарен настан со цел да му се даде поддршка на младиот велосипедист Јани Иванов, но и на неговото семејство, по немилиот настан кој минатата недела се случи во соседна Грција. Имено, Јани се здоби со тешки повреди на ‘рбетот, по што е хоспитализиран на клиника во Солун, а за неговото лекување и хируршки интервенции е потребна поголема сума на пари.
На вчерашниот настан, кој го иницираше Петар Манев, другар на Јани, настапија локални музички артисти, а граѓаните можеа да донираат средства во поставените кутии за донации.
Пријатели, школски другари, велосипедисти од вело клубот на Иванов, како и голем број на сограѓани, во знак на поддршка дојдоа на настанот кој траеше до полноќ.
Акциите за собирање на помош за младиот велосипедист продолжуваат и во наредниот период. Денес со почеток од 19 часот е организирано искачување до Тимјаничка цуцка, а сите кои сакаат да се приклучат треба да дојдат на стартната точка во населбата Саат Кула, кај Мостот на Балек.
Во среда пак, на летната сцена над споменикот на 12-те Ваташки другари во Ваташа ќе се одржи театарската претстава ,,Разведи ме”, и сите средства од продажбата на билетите ќе бидат донирани за лекувањето на Јани.
Истиот ден, најавуваат од неготинската кафетерија Вега дека целиот промет ќе биде дониран на сметката на Иванов, па упатија отворена покана до сите граѓани кои сакаат да помогнат, во среда да го испијат своето кафе и омилен пијалок во нивниот локал.
Отворен е и телефон за донации за А1 операторите – 143 464, а може да се донира и на сметка од Стопанска Банка 200003894558043, Јани Иванов, со назнака донација.