Поранешната директорка на Клиниката за детски болести проф. д-р Аспазија Софијанова изјави дека заедно со колегите од Одделот за неонатална и педијатриска интензивна нега, чиј што шеф е таа, успеале да издејствуваат зголемување на коефициентот за исплата на дежурства, поради специфичноста на интервенциите кои можеле да ги изведуваат само тие педијатри.
Вели дека таа нема никаква врска со доделувањето на дежурства и со правењето на распореди. Тоа го прави главната сестра на Одделот за неонатална и педијатриска интензивна нега и после тоа се внесува во благајничкиот систем.
Д-р Софијанова вели дека не била еден месец на пат во Словенија, туку на доусовршување, и се обврзала пред Управниот одбор дека за тоа време ќе продолжи да ги извршува своите обврски на клиниката.
За време на двата мандати како директот на Клиниката за детски болети проф. д-р Софијанова тврди дека успеала да направи четири реорганизации на клиниката, и тоа во одделот за неонатологија, одделот за нефрологија, одделот за детска онкологија, и на крај транспортот на пациенти. Запрашана како детската клиника успеала да најде средства за да ги направи сите овие работи, д-р Софијанова рече дека имале одлична соработка со Фондот за здравствено осигурување и голема помош од приватни донатори.