Официјална Софија со зголемена доза на вознемиреност ги следи изјавите и декларациите на официјални македонски политичари насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување, односно најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.
Во соопштението на владата на Бугарија се вели дека токму Коридорот 8 е клучна логистичка рута вдолж јужното крило на НАТО со кое се поврзуваат Црното и Јадранското Море и затоа неговата изградба е од големо значење во актуелниот геополитички момент, а затоа одбивањето да се изградат главните компоненти ја ослабнува колективната безбедност на НАТО-алијансата.
„Благодарение на бугарските напори, Коридорот 8 е вклучен во опфатот на европскиот транспортен коридор ‘Западен Балкан – Источен Медитеран’ како приоритет за ЕУ. На крајот на 2023 година делницата Крива Паланка – Деве Баир беше назначена од ЕУ како еден од шесте водечки проекти на стратегијата ‘Глобал портал’ и финансирана со над 500 милиони евра грантови и заеми“, се вели во соопштението.
Дополнително, бугарската влада ја повикува Владата на С Македонија да пристапи одговорно и со добра волја кон сите преземени обврски и договори кои се направени за навремена изградба на делниците од трасата на Трансевропскиот коридор на нејзина територија. Оттаму велат и дека од бугарска страна модернизацијата и завршувањето на железничката компонента се дел од националната програма „Транспортно поврзување 2021-2027 година“.
„ Коридорот 8 е дел од Договорот за добрососедство од 2017 година, како и во неговите протоколи од 2019 и 2022 година. Меморандумот за разбирање меѓу Албанија, Бугарија и Северна Македонија од октомври 2021 година, заедничката декларација на Албанија, Бугарија, Италија и Северна Македонија од ноември 2023 година, декларациите од Самитот на НАТО од јули 2024 година итн.“, велат од бугарската влада.
Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски смета дека проектот за изградба на пругата од Коридорот 8 во Бугарија се користи за внатрешно-политички цели велејќи дека „ова е инженерски проблем и нема врска со политика“.
Тој денеска изјави дека би било лудо Владата да се сложи со проект кој завршува на пола тунел во слепа улица, додавајќи дека не станува збор за промена на интерес, туку како треба работите да бидат поставени на правилна патека.
Рече оти од бугарска страна нема јасен проект дали тунелот ќе продолжи.
„Вака како што се поставени би било лудо да се сложиме како Влада на проект кој завршува на пола тунел во слепа улица и да потрошиме половина милјарда евра народни пари, затоа што вредноста на проект е 560 милиони евра. Од тие, 360 се кредит, а 200 милиони се грант. Станува збор во прва фаза – 360 милиони се пари на македонските даночни обврзници и 200 милиони на европските даночни обврзници. В
о тендерската документација стои дека принципот на изработка на проектот е по жолт фидик, а тоа значи дека сумата, буџетот кој е определен е буџет за реализација на овој проект и дека не се предвидуваат дополнителни пенали или дополнителни работи. Но тоа не е така бидејќи двете страни потоа, во тендерската документацијата стои дека изведувачот има право на пенали и на дополнителни работи. Што значи дека е практично црвен фидик, па многу лесно проектот може да дојде до 750, 800 милиони евра.
Ова го кажувам како инженер, не како премиер. Тоа ќе подразбира минимум 500 милиони евра пари од буџетот, од граѓаните и 200 милиони евра пари на европските даночни обврзници за 24 километри, 22 тунели кои што ќе завршат на пола тунел во слепа улица, без да знаеме што ќе се случува од бугарска страна, бидејќи таму нема јасен проект дали тунелот ќе продолжи“,
вели Мицкоски.