Напад врз самата бугарска држава, вака бугарското Министерство за надворешни работи ја оквалификува кражбата на монитор од просториите на Културно-информативниот центар (КИЦ) на Република Бугарија кој се наоѓа во центарот на Скопје. Кражбата ја потврди и македонското МВР. Од таму велат дека непознати сторители изминатава ноќ насила влегле внатре, при што украле само монитор.
Но Софија го драматизира настанот. Македонската амбасадорка во Софија била повикана во министерството за надворешни работи каде ѝ било посочено дека овој инцидент „се случува во услови на долготрајна антибугарска кампања во Северна Македонија“.
„Ноќта меѓу 15 и 16 март 2023 година непознати лица упаднале во зградата на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, Република Северна Македонија. Во инцидентот, причинета е материјална штета на задниот ѕид на клубот, кој беше отворен на 25 ноември 2022 година. Без разлика на мотивацијата на сторителите, делото е напад врз самата бугарска држава, олицетворена во државната институција. Потсетуваме дека со билатералниот договор за отворање на Културно-информативните центри од 2003 година, двете земји се обврзаа да гарантираат нормално функционирање на културно-информативните центри во двата главни града“, изјави портпаролот на бугарското МНР.
Тој информираше дека директорката на Дирекцијата за Југоисточна Европа, Вања Андреева, пред македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси-Поповска изразила „сериозна загриженост“ поради тоа што, како што се наведува, „ова кривично дело се случува во услови на долготрајна антибугарска кампања во Северна Македонија“.
Таа го истакнала очекувањето на бугарската држава „институциите на Република Северна Македонија не само да ги идентификуваат сторителите на ова злосторство, туку и јасно да покажат дека ваквите напади врз претставништвата на Бугарија се апсолутно неприфатливи и ќе бидат кривично гонети со сета строгост на закон“.