Софија: Блокадата на Словачка и Чешка дојде неочекувано и без образложение

by Фокус

Бугарското Министерство за надворешни работи вели дека Бугарија жали откако, како што наведува, денеска неочекувано и без образложение биле блокирани заклучоците на Советот на ЕУ од страна на Чешка и Словачка.

„Подготвени сме да ја слушнеме загриженоста што доведе до оваа одлука и да продолжиме со нашите напори да постигнеме консензус за проширувањето. Бугарија ги одобри заклучоците на Советот за време на состанокот на КОРЕПЕР II на 16 декември, при што германското претседателство постигна консензус“, стои во соопштението.

Во него се додава дека на инсистирање на Бугарија во заклучоците била додадена реченица за важноста на договорите на Република Северна Македонија со Бугарија и со Грција и дека нивното спроведување ќе стави крај на сите тврдења засновани на погрешно толкување на историјата.

„Ветото врз заклучоците на Советот ризикува да ја поткопа довербата на ЕУ и да ја спречи Унијата да го испрати многу потребниот сигнал до Западен Балкан за стимулирање на неопходните реформи што земјите кои сакаат да се приклучат мора да ги преземат. Како една од земјите членки што го поддржуваат проширувањето, Бугарија би сакала да го охрабри Советот да преземе конструктивен пристап во сегашната ситуација со цел да се овозможи донесување заклучоци за време на сегашното претседателство со Советот на ЕУ“, се вели во соопштението.

Во посебен дел од реакцијата на бугарското МНР, насчовен “Појаснување”, се наведува дека заклучоците на Советот на ЕУ за проширување немаат никаква врска со процесот на одобрување на преговарачките рамки за Република Албанија и Република Северна Македонија.

Поврзани новости