Министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, изрази сочувство за синоќешната трагедија во модуларната болница во Тетово, јави дописникот на МИА од Софија.
– Тажен сум и скршен од трагедијата со пожарот во Ковид болницата во Тетово, која однесе човечки животи! Нашето најискрено и најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите. Бугарија е солидарна со Република Северна Македонија во ова тажно време, му напиша на Твитер шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев во пораката на Твитер до својот македонски колега Бујар Османи.
Сочувство до семејствата на загинатите и солидарност до народот изразија, преку „Твитер“ и од Министерството за надворешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
-Нашите мисли се со жртвите од ужасниот пожар во болничката единица во Тетово и со сите погодени од оваа трагедија. Го изразуваме нашето искрено сочувство до семејствата на жртвите и нашата солидарност до народот и Владата на Северна Македонија, напишаа од грчкото МНР.