За в сабота, 22 јуни, во 11 часот е закажана седмата пленарна седница на Собранието на која како едиствена точка на предлог-дневниот ред е изборот на новата влада во земјава.
Предлагач на составот на владата е мандатарот, пратеник и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Вчера Мицкоски го достави до собранискиот спикер и до пратениците предложениот владин состав, како и програмата за работа на идната влада. Тој ќе има пет вицепремиери, иако се очекуваше тие да бидат четворица.
Согласно собранискиот Деловник, седницата за избор на влада трае најмногу два дена. Мандатарот ја образложува програмата и предлог-составот на владата пред пратениците, по што во Собранието се води единствен претрес. Гласањето за избор на новиот владин состав се врши по завршување на претресот, најдоцна во 24:00 часот.
Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници.