Заврши претпоследниот ден од расправата за ребалансот на Буџетот за годинава.
Пратениците од опозицијата упатија обвинувања до власта дека со овој ребаланс се прават кратења во капиталните инвестиции и се намалуваат средствата во клучни сектори, како образование, здравство, полиција и одбрана. Пратениците од власта пак сметаат дека се кратат нереалните трошења кои ги правела претходната власт.
Пратеничката на СДСМ Јагода Шахпаска рече дека минатата година за капитални инвестиции биле предвидени 26 милијарди 954 милиони денари, а со ребалансот се предвидуваат 23 милијарди 411 милиони денари.
„Ова не е намалување, ако се има предвид дека во првата половина од годината се реализирани само 8,7 милијарди денари од предвидените 26 милијарди денари. Тоа значи дека има намалување на капиталните инвестиции кои имаат успорена динамика на реализација и она што можеше да се скрати од проектот „Скопје 2014“, истакна Шахпаска.
Според неа владата во заминување во март 2017 ги скратила за 62 милиони денари средствата за набавка на инсулинска терапија, додека новата влада ја зголемила оваа ставка за четири милиони денари.
Исто така негираше дека се кратат средства за вакцини, како што обвини опозицијата.
– Тоа го направи владата на ВМРО-ДПМНЕ со чија одлука износот од 180 милиони денари се заменува со износ од 144 милиони денари. Ова е одлука на Владата во заминување објавена на 28 март 2017 во Службен весник на РМ, рече Шахпаска и додаде дека владата за 4 милиони денари ја зголемила и ставката за набавка на лекови за ретки болести.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев пак сметка дека се прават кратења во клучни области во општеството.
„Сто милиони денари помалку за рурален развој, а тоа значи помалку пари за сите села во Македонија – за патишта, за водоводи, за канализации, 12 милиони денари помалку за објекти за детска заштита, 134 милиони денари помалку за социјални дејности, дури 28 милиони денари помалку за изградба, опремување и одржување на објекти за стари лица, помалку пари за сите универзитети во Македонија, за основно и за средно образование, за имунизација на населението итн. Нема ставка што не е скратена, порача Ѓорчев.
Расправата за буџетот продолжува и утре.