Во Собранието доцна попладнево беше прекината расправата по дополнетиот Предлог-буџет за 2023 година, за кој втор ден дебатираат пратениците. Нејзиното продолжение е закажано за утре во 12 часот.
Предлог-буџет за 2023 година се најде пред пратениците откако Владата го усвои текстот по прифатените амандмани во матичната собраниска Комисија.
За власта, тој е развоен, реален и е одговор на енергетската криза, со поддршка на граѓаните и стопанството и ќе обезбеди економска стабилност. Опозицијата, пак, смета дека предложениот буџет е нереален, инфлаторен, расипнички и ризичен, преполн со приливи од донации и заеми и оти со него се прави масовна кражба на народни пари.
Пратеничката од редовите на СДСМ, Драгица Ѓавочанова, во својот говор по паузата, посочи дека на 11 ноември годинава во Владата биле потпишани 29 договори за финансирање проекти во осумте плански региони, со вкупна вредност од 422 милиони денари обезбедени преку Бирото за регионален развој, кои се планирани да се реализираат следната 2023 година.
На ова реагираа пратениците од опозицијата, кои и забележаа на Ѓавочанова дека на дневен ред е буџетот на централната власт, а таа премногу говорела за проекти во општините.
Пратениците од опозицијата ја споменаа анкетата на ИРИ која покажа незадоволство на граѓаните од власта, а Ѓавочанова во одговор на репликите рече дека се сомнева во резултатите од „нарачаната анкета”.
Вкупните расходи во Буџетот за 2023 година, се планирани во износ од 324,8 милијарди денари, или за 36,3 милијарди денари повисоки во однос на Буџетот за 2022 година. Проектираниот дефицит за 2023 година во износ од 42,7 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 52,1 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 36,5 милијарди денари и домашен долг во износ од 15,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина расправата за дополнетиот Предлог буџет за 2023 година, која ќе продлжи утре во 12 часот.