Собраниската комисија ги усвои измените на Законот за просторно планирање, не ги прифати амандманите

by Fokus

Собраниската Комисија за европски прашања попладнево ја заврши расправата за Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка, и го проследи на натамошна постапка во Собранието.

Комисијата не усвои ниту еден од седумте предложени амандмани за предлог-законското решение од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

По завршување на амандманската расправа за збор се јави заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи кој рече:

„Со измените на Законот за урбанистичко планирање се воведува нова метода која ќе биде употребена за изградба на автопатите и гасоводите и која, ќе даде подобри и побрзи резултати. За изградбата на проектите кои се од стратешко значење се менува процедурата за градба која ќе овозможи многу поедноставна и побрза реализација на проектите“, рече Реџепи.

Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка рече дека е вообичаено претставникот на Владата да даде образложение за измените на почетокот на расправата, а не на нејзиниот крај, за да можат пратениците да му реплицираат на говорот.

Таа побара на утрешната седница на Комисијата прво предлагачот да ги образложи измените на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка, а потоа пратениците да расправаат. Заменик-министерот го прифати барањето.

„Измените на законското решение значат суспендирање на македонското право со злоупотреба на европското знаменце и се надвор од секоја правна логика. Законите не смеат да се менуваат заради одреден проект, туку треба да воспостават систем за заштита.

Со тоа што се крие договорот со „Бехтел и Енка“ и од колегите со безбедносен сертификат само ги потврдувате нашите сомнежи, бидејќи странско правно лице не може да биде создавач на класифицирани договори“, рече Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ во текот на расправата.

Таа рече дека тоа е дерогирање на целокупниот законодавен систем во земјава и лош пример на озаконување на криминалот и корупцијата.

„Не може нешто да биде јавен интерес, а јавноста да е целосно исклучена. Како партија не сме против градење, туку против распродажба на државните интереси“, рече Петковска.

Во коресподентната табела за усогласување со европското законодавство, заради што измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање се носат по скратена постапка и со европско знаменце, нема ни име и презиме на потпишан функционер, ниту датум, туку само потпис, рече во својот говор претеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Како утврдивте дека изградбата на автопатите ќе чини 1,3 милијарди евра без никаков проект. Имате ли претстава што може да се случи при изградба на патот – мостови, клучки или тоа ќе значи уште пари. Без проект ли утврдувате дека ќе чини 1,3 милијарди евра или тоа го кажавте од око. Како може без експертиза и без јавна расправа да се одреди сумата. Поддржувате или премолчувате криминал, а тоа е казниво. Најсиромашна држава сме во Европа, а ќе платиме најскап автопат, барем двојно поскап од вообичаено“, рече Стојаноска.

Собраниската Комисија за европски прашања утре ќе ги разгледува Предлог-измените на Законот за градење, кој е дел од петте закони потребни за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д.

Поврзани новости