Делегација на Собранието во состав Дарко Каевски, Александар Николоски и Арта Биљали Зендели ќе учествува на редованта зимска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа што се одржува во Стразбур од 23 до 27 јануари, соопшти собраниската прес-служба.
На почеток на сесијата, пратениците ќе избираат претседател и потпретседатели на Парламентарното собрание. И оваа година на Собранието на Република Македонија му припаѓа едно потпретседателско место и функцијата, како и до сега ќе ја извршува шефот на Делегацијата, Дарко Каевски.
Во фокусот на сесијата ќе биде борбата против насилството врз жените, со првична расправа за сексуалното насилство поврзано со конфликти, по што ќе следи дебата за Истанбулската конвенција, за улогата и одговорноста на мажите и момчињата во запирање на родовото насилство врз жените и девојчињата и за изнаоѓање решенија за брачно ропство.