Собранието утре ќе ја гласа новата влада

by Fokus

До крајот на неделата се очекува Северна Македонија да има нова политичка Влада. Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре, сабота 29 август, ја закажа 10-тата седница на која треба да биде избрана Владата на мандатарот Зоран Заев. Единаесетата македонска Влада треба да биде избрана најдоцна до недела на полноќ.

Џафери ја закажа седницата откако мандатарот Зоран Заев до Собранието во средата ја достави Програмата и предлог-составот на новата Влада.

Дел од приоритетите на новата Влада, како што соопшти мандатарот се, трансформација на економијата за забрзан раст и повисок стандард,  вложување во јавното здравство, намалување на стапката на сиромаштијата под 16 проценти со посебен акцент на детската сиромаштија, воведување на комунална полиција под ингеренции на локалната власт која ќе има законски овластувања да обезбеди ред во општините и градот Скопје. Во предлог-програмата на новата Влада предвидено е и намалување на привилегиите на јавните функционери со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.

На прес-конференцијата по доставувањето на Предлог-програмата и составот Заев рече дека новата Влада ќе биде стабилна, ефикасна и одговорна,  ќе ги гарантира стратешките определби односно членство во НАТО и ЕУ, добри меѓусоседски односи, справување со коронакризата, нова енергија и подинамичен економски раст, како и ефикасна правна држава, модерно образование и стабилни институции.

Тој и новите министри, како што кажа, се обврзуваат дека ќе влечат напред секој ден, секој час, дека ќе работат уште повеќе и  подобро и дека ќе побараат од секој граѓанин поголемо учество.

Според него, програмата за работа на Владата во целост ја отсликува  посветеноста на сите политички партии кои се дел од коалицијата за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, темелно прочистување на судството и проверка на потеклото на имот и пари на сите функционери.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

Артан Груби од ДУИ ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. За министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.

Владината коалиција што ја сочинуваат СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника. 

Владата се избира со просто мнозинство односно со 61 глас.

Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија се одржаа на 15 јули во најспецифични услови од независноста до денес поради состојбата со коронавирусот. Се гласаше три дена. Поради недоволен број пријавени, гласање во дијаспората не се организираше.

Од 3 јануари Северна Македонија имаше техничка Влада, по Пржински модел, на чие чело беше Оливер Спасовски, кој е предложен за министер за внатрешни работи. Мандатот на техничката Влада од шест месеци се продолжи на девет поради пандемијата со коронавирусот и воведувањето на вонредната состојба.

Поврзани новости