Собранието усвои повеќе предлог-закони, ќе паузира до 27 август

by fokus

Собранието во рамки на попладневното продолжение на 109. седница ги донесе Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце (Република Северна Македонија) – Прешево (Република Србија), дополнетите предлог-закони за земјоделско земјиште во второ читање, за возила, за воздухопловство во прво читање…

Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во образложението на Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце, рече дека се очекува граничниот премин да почне да функционира на 26 август. Посочи дека ова е уште една потврда на заложбите за негување на добрососедски односи или добрососедската политика на Владата. Овој Договор, потенцира, е прв и ова е еден историски момент, бидејќи првпат нашата земја воспоставува заеднички граничен премин со соседна земја.

– Кога ќе излеземе од нашата земја и кога ќе влегуваме во Република Србија нема да има две, туку ќе има една контрола. Значи кога ќе излегувате од Република Македонија и ќе влегувате во Република Србија, граничниот премин ќе биде од страната каде што е сега Прешево, а кога ќе излегувате од Република Србија и влегувате во Република Северна Македонија граничниот премин ќе биде кај Табановце. Овој Договор ќе придонесе за развивање на добрососедските односи, но ќе помогне и во размена на стоки, полесен проток на луѓе, на возила и очекуваме да има сериозно влијание на економијата меѓу двете земји, рече Жерновски.

Најави дека ваков заеднички граничен премин наскоро ќе има и кај Ќафасан, а ќе биде отворен и нов граничен премин со Република Србија и тоа на потегот Лојане – Миратовац, каде наши сограѓани мора да поминат повеќе од 20 километри за да дојдат до Табановце.

Пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе ја подржат ратификацијата, која, како што истакна, ќе ги забрза контролите на граничниот премин меѓу двете земји.

Поврзани новости