Собранието на Република Македонија денеска потврди дека пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на 30 јуни побарал да се откаже од пратеничкиот имунитет.
– Во врска со Известувањето од страна на пратеникот Никола Груевски за откажување од правото на имунитет, доставено до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието на Република Македонија, на 30 Јуни 2017, Ве известуваме дека Комисијата не е надлежна да постапува по ова известување. Согласно член 53 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата постапува по Барање за одобрување на притвор, кое надлежниот орган (судот), го доставува до претседателот на Собранието на Република Македонија, по што Барањето се доставува до Комисијата – се наведува во објаснувањето од Собранието испратено до медиумите.
Оваа информација во јавноста ја обелодени адвокатот Александар Тортевски за време на гостувањето во емисијата Топ тема на телевизија Телма. Од ВМРО-ДПМНЕ експресно демантираа.