Цената која ја плаќаат граѓаните на Македонија, за нешто кое на друго место, во некоја од демократските земји ќе трае половина ден и ќе се заврши за само една седница, чини 20 илјади евра на ден“, изјави Петре Шилегов, пратеник на СДСМ.
Според Шилегов, десетте собраниски седници во последните две недели, достигнуваат цена од 200 илјади евра, пренесува ТВ 21.
Eдна собраниска седница, според собраниските служби, чини меѓу 16 и 20 илјади евра, вклучувајќи ги и трошоците за дополнителна работа, патни трошоци и друго.
ТВ 21 пренесува анализа на екс-пратеникот од НДП, Изет Зеќири, кој вели дека еден ден учество на пратениците во Собранието чини 195 евра. Универзитетскиот професор Зеќири пресметал дека секое притискање на копчето за обраќање чини 23 евра, една дискусија чини околу 400 евра, а за секој донесен закон даночните обврзници плаќаат дури по 3.300 евра.
„Ова се многу големи давачки. Додека еден пратеник добива по 200 евра на ден за учество на парламентарна седница, работникот кој го гласал треба да работи минимум 200 часа во месецот за да заработи толку пари. На годишно ниво, овие трошоци достигнуваат сума од околу 2.3 милиони евра“, изјави Изет Зеќири, Универзитетски професор.
Според економистот Фатмир Битиќи Собранието се претвори во институција која само троши, а ништо не произведува.
„Дваесет илјади евра за собраниска седница ќе беа оправдани доколку седниците даваа резултат. Проблемот е во тоа што седниците се повторуваат без да дадат краен резултат“, изјави Фатмир Битиќи, економист.