Собранието објави тендер за софтверско опремување на пленарната сала од 422 илјади евра

by Фокус

Собранието испланирало 26 милиони денари за опремување на пленарната сала со електронски систем за говорење и гласање и опрема за симултан превод.

Според огласот објавен на Бирото за јавни набавки, заинтересираните компании треба да ги достават понудите за оваа јавна набавка на радио, телевизиска, комуникациска, телекомуникациска и сродна опрема, чија проценета вредност е над 422 илјади евра, до средината на следниот месец февруари.

Притоа, во тендерската документација се наведува дека, покрај останатото, компаниите за да се квалификуваат мора во последните 5 години да имаат испорачано исти стоки и услуги во областа на конференциски системи со симултан превод и електронски системи за говорење и гласање управувани со соодветен софтвер.

Воедно, собранието како договорен орган бара од економските оператори да располагаат и со најмалку 2 квалификувани стручни лица за извршување на предметот на набавката, кои, патем, имаат завршени студии од областа на електроника и телекомуникации, електроенергетика и/или компјутерска техника и информатика.

Исто така, за да ја минат фазата на евалуација, компаниите мора да обезбедат и овластен сервис за понудената опрема, важечка дозвола за приватно обезбедување издадена од МВР итн.

Инаку, периодот на реализација на набавката е една година, додека критериум за доделување ќе биде најниска цена.

Како што изјави спикерот Талат Џафери, собранието треба да биде распуштено на 11 февруари за да бидат распишани парламентарните избори во април, што значи дека постапката на софтверско опремување на пленарната сала ќе заврши кога парламентот веќе ќе биде распуштен.

В.С.

Поврзани новости