Собранието нема да одлучува за известувањето што пред три дена Судскиот совет го испрати до претседателот на Собранието, Африм Гаши дека уставната судијка, Добрила Кацарска пред две години ги исполнила условите за старосна пензија.
Од Собранието за „Фокус“, велат дека Судскиот совет на 2 јули го испратил известувањето до Гаши.
Вчера претседателот на Собранието го доставил известувањето заедно со прилогот доставен со него, до сите пратеници.
Но, од она што може да се сфати од одговорот, Собранието нема да одлучува по известувањето.
– Собранието согласно Уставот, Деловникот и законите работи и одлучува по конкретни предлози на акти, предлози за избор / именување или разрешување доставени од овластени предлагачи, се вели во дел од одговорот од Собрание за „Фокус“.
Во дописот од Судски совет пак пишува дека на Кацарска на 30 јуни 2022 година и престанала судиската функција во Кривичниот суд поради исполнување на услови за старосна пензија.
Се наведуваат одлуки што ги донеле тие како тело, за пензионирање на членови на Судски совет.
Сепак сегашниот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски се повика на Уставот во кој е предвидено прекин на мандатот на уставен судија.
Тој беше дециден дека не може да се прави поистоветување на членство во Судски совет и членство во Уставен суд.
Според член 111 став 4 од Уставот на судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка, а судијата ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, нешто што го утврдува Уставниот суд.
Ф.Ф.С.