Во Собранието не поминаа измените на Законот за патни исправи, кои беа предложени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а со кои се бараше продолжување на важноста на старите пасоши со Република Македонија до крајот на 2024 година.
Против измените на законот гласаа 54 пратеници, додека 46 беа “за“.
Како што објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, против законските измени гласале пратениците од владејачкото мнозинство.
„Со ова, за жал, СДСМ, ДУИ и НСДП оставија на цедило 600.000 македонски државјани на кои им е нарушено правото на слободно движење, а на голем дел со ова им се загрозени нивните работни дозволи во странство, документите за постојан престој, како и лекувањето или образованието надвор од Македонија“, напиша Милошоски на Фејсбук.