Собранието вечерва со три гласови „за“, 64 против и без воздржани, ја отфрли интерпелацијата за првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, што ја поднесе коалицијата „Европски фронт“.
Интерпелацијата ја образложи Блерим Беџети, истакнувајќи дека „Европски фронт“ од првиот вицепремиер и министер бара политичка одговорност и оставка поради неговата неспособност да управува со ситуации кои придонеле за влошување на меѓуетничките односи.
Беџети како причини за интерпелацијата ги наведе случајот од 28 ноември со палењето на државното знаме, Балансерот, одлуките на Владата за бришење на дијаспората и Законот за јазиците.
Меџити оцени дека интерпелацијата не е поврзана со него, ниту со албанскиот јазик, Балансерот или правичната застапеност, туку со желбата на ДУИ да се врати на власт.
Тој и порача на партијата да се реформира и да престане со „агресивноста, ароганцијата и подигнувањето на меѓуетничките тензии кои ги практикува изминатите шест месеци, откако е во опозиција“.